Постанување на населбите

Кога селата Оровник, Подмолје, Вишово, Тројани и некои други населби, настанале, засега, со сигурност не се знае, но со сигурност се знае дека имаат многу старо потекло. Во досега објавените извори првпат Оровник се споменува како Ораховница, па дури и во пописот на Охридскиот санџак од 1582 година (како Раховник) кое го сочинувале 39 семејства и 7 самци, односно со 202 жители христијани и 4 семејства со 20 члена муслимани. Тогаш Подмолје (Подмол) имало 37 семејства и 4 самци со вкупно 189 жители христијани. Селото Вишово било со 20 семејства и 11 самци, со 111 жители христијани, а додека Тројани имало 5 семејства со 25 жители христијани.

Ова укажува дека четиритенаселби на денешната КО Оровник постоеле многу подолго пред тоа, но дали биле лоцирани на нивните сегашни места не се знае.

Според искажувањата на постари оровничани што ги забележал проф. Бранислав Русиќ во 1948 год, селото Оровник во XVIII век се наоѓало на главниот пат во месноста Лозја. Имало околу 400 куќи и една голема црква, долга 18 метри. Меѓутоа настанало големо пленство и селото опустошело. Слична била судбината и на останатите три населби, па веќе сите кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век станале турски чифлизи, кои биле населувани со македонско христијанско население од другите етнички делови на Македонија, каде што повторно се формирале четирите населби.

Преселувањето на Оровничани надвор од своето родно место, како и жителите на останатите три села била честа појава. Староседелците се иселувале, а на нивно место доаѓале други, од другите места на Македонија. Од познати историски причини преселниците ја криеле својата трага, па нема некои поконкретни податоци. Меѓу оние, за кои се знае, дека ги напуштиле овие места и за кои има забележана информација се: Во 1860 година од с. Тројани во с. Требеништа се преселиле две семејства, кои таму се викале Тројанци, Трајановци, чии потомци сега се познати како Сечовци.

Меѓу последните најбројни преселници од Оровник во соседниот град, Охрид, се фамилиите: Бавчанџиевци, Орачевци и Ќеровци. Пред Илинденското востание од Оровник во с. Долно Лакочереј се преселиле Шилигуновци (Димовци), понатака фамилијата Пејовци се преселила во с. Мислешево, Струшко. Во пост илинденскиот период, 1912, во селото Ливоишта, Охридско, е преселена една гранка од фамилијата на Бамбаловци, која таму е позната под презимето Дуљчевци.

Кон крајот на XVIII век почнува почетокот на новото Оровник и Подмолје, со нови семејства кои се доселувале во атарот на с. Оровник. Од тој период, односно од почетокот на XIX век, се предците на сегашните оровнички и подмолски фамилии.

До 1953 год жителите на Оровник и Подмолје потекнуваат 16 рода: Бамбаловци, Германовци, Даљчевци, Јовановци, Јолаковци, Мијаковци, Мирчевци-Стојановци, Мојсовци, Нељовци, Рочевци, Стевовци, Стојчевци, додека во Подмолје се: Тодоровци, Чољопановци, Шуклевци и